На ден 05.03.2015 година во просториите на Општина Гази Баба беше одржана еднодневна работилница на тема Колективно преговарање и склучување на колективни договори организирана од страна на Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија. Предавач на на оваа работилница беше д-р Лазар Јовевски, доцент на Правниот факултет ,,Јустинијан Први,, во Скопје.
Претседателот на Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија, г-динот Благоја Ралповски ја отвори Првата работилницата со што отпочна имплементацијата на Програмата на САДУ за 2015 година донесена од Советот на САДУ. Имено истакна дека се надева дека оваа работилница и сите други кои ќе се одржат според Програмата ќе придонесат во унапредувањето на синдикалното движење на САДУ и ќе се развијат човечките капацитети за поефикасно синдикално делување.
Во интерактивното излагање на професорот д-р Лазар Јовевски беа опфатени сите прашања околу колективното преговарање и колективните договори кои се од интерес на членството на Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија. Беше образложено што е колективно преговарање и дека основните предуслови за да може еден синдикат да ја манифестира моќта во колективните преговори треба да биде поткрепен со човечки и финансиски ресурси.
Видови, нивоа и субјекти на колективното преговарање
Професорот д-р Јовевски ги објасни принципите на колективното преговарање како и разликите во одредени колективни договори. Во една динамична и интерактивна дискусија, учесниците имаа можност да постават прашања кои беа специфични за нивните дејности.
Како дел од сесиите од работилницата беше опфатено и прашањето за репрезентативноста, што е репрезентативност, како се утврдува и зошто е потребна.
Согласно измените и дополнувањата на ЗРО во 2009 година, во 2010 година се формира регулаторно тело – Комисија за утврдување на репрезентативност, а исто така присутен беше и Генералниот секретар на КСС, г-динот Љубе Стојковски кој е член на Комисија за утврдување на репрезентативност, кој образложи кои се критериумите за добивање на репрезентативност на национално, на ниво на гранка и на ниво на работодавач.