Денес, Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија оствари работна средба со Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Повод за оваа средба беше јавното негодување на синдикатот околу новите измени во законот за административни службеници, функционалната анализа, трансферот на вработени од јавниот во приватниот сектор, за политичките пристисоци и секако за една од најболните точки на администрацијата, платите.
Од наша страна беше изнесено дека трансферот од јавен во приватен сектор за нас е неприфатливо од причина што ќе се случи поголем одлив на стручен кадар и побаравме од министерот да бидеме вклучени во новите измени на законот за административни службеници со цел потранспарентна анализа каде што ние како столб кој потекнува од јавната администрација ќе бидеме законски застапници во овие процеси со намера да престанат злоупотребите на законот од страна на раководни лица.
Исто така, пред министерот беа доставени бројни докази за некоординираност на институциите, непостапување на инспекторатите по пријави за злоупотреба на службена должност, судски пресуди со кои што ги докажуваме споменатите дејствија и други правни акти со кои што недвосмислено се гледа дека во одредени институции во јавниот сектор владее хаос.
Министерот Дамјан Манчевски ги констатираше нашите тврдења и ни искажа уверување дека токму заради овие причини потребни се измени на законот со цел спречување на вакви дејствија и поголема транспарентност и побара од нас како синдикат во иднина да имаме почести средби со кои и тој ќе биде одблиску запознаен со проблемите, така што низ дијалог и фер социјално партнерство ќе можеме заеднички чекор по чекор да ги решаваме проблемите кои што се наталожени во јавниот сектор.
На состанокот беа споменати и инспекциските служби за кои се констатираше ризикот на работа со кој реално се соочуваат теренските инспектори и за кој добивме ветување дека ќе се направат напори во следната година исплатата на надоместокот за ризик на работа да биде задолжителена.
Министерот исто така искажа подготвеност за потпишување на нов колективен договор за јавниот сектор со цел зголемување на правата на вработените.
Во насока на зголемување на платите на јавната администрација бевме информирани дека во буџетот за следната година е предвидено зголемување на истата за 5%, но секако ние побаравме потпишување на спогодба со која платите ќе растат линеарно секоја година за што министерот искажа подготвеност за договори и преговори во тој дел.